Озонска Обвивка Контролни Мерки Проекти Контакт Линкови
Канцеларија за заштита на озонската обвивка Контролни мерки
Меѓународни договори

Виенска Конвенција и Монтреалски Протокол

Виенската конвенција за заштита на озонската обвивка (1985) претставува рамковен документ кој ги дава насоките на меѓународната акција во областа на овој сегмент од заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Со оглед на тоа што одредбите на оваа Конвенција не дефинираат ограничувања и препораки, две години подоцна во Монтреал усвоен е Протокол со конкретни мерки за контрола на увозот, извозот и потрошувачката на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка.

На 16ти Септември, 1987 година меѓународната заедница под покровителство на УНЕП прифати документ кој ќе одигра доминантна улога во новите трендови во заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Тоа е Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, кој го удри темелот на глобалната акција за редукција, замена и конечна елиминација на овие хемикалии.

Содржината на Протоколот главно се состои од правци и мерки за контрола на потрошувачката, увозот и извозот на супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка. Документот ги содржи сите 96 супстанции кои имаат негативен ефект врз стратосферскиот озон, поделени во четири анекса.

Новите научни сознанија укажале дека првобитната верзија на Монтреалскиот протокол нема да овозможи адекватна заштита на озонската обвивка. Заради ова, во 1990 година во Лондон со амандман кон Протоколот е воспоставен финански механизам за пресретнување на обврските од документот. Формиран е Мултилатералниот фонд за имплементација на Монтреалскиот протокол чија основна задача е обезбедување финансиска асистенција на земјите во развој или со економија во транзиција преку донации во насока на подготовка и спроведување на проекти од областа на заштитата на озонската обвивка.

Подоцна, во периодот од 1992 до 1999 година донесени се уште три измени и дополнувања на Монтреалскиот протокол (Амандмани од Копенхаген, 1992 година, Монтреал, 1997 година, Пекинг, 1999 година). Основна причина за донесувањето на амандманите и нивното прифаќање од членките е согледувањето на фактичката состојба со осиромашувањето на озонската обвивка и потребата од забрзана и агресивна акција за елиминација на озонските осиромашувачи.

Значи, акцијата е во тек, а нејзиниот интензитет од година во година се зголемува. Секоја година семејството на земјите-членки на Монтреалскиот протокол се проширува, се размислува за нови областите на делување. Заштита на озонската обвивка и обврските кон Протоколот завземаат приоритетно место во политиката за заштита на животната средина во повеќе земји. Повеќе од една деценија овој документ претставува база за реализација на глобалната акција за заштита на планетата од една од најопасните промени во атмосферата, осиромашената озонска обвивка.

Број на земји и ратификации, заклучно со октомври, 2003 година:

Виенска конвенција

185

Монтреалски протокол

184

Амандман од Лондон

166

Амандман од Копенхаген   

154

Амандман од Монтреал

107

Амандман од Пекинг

57

Акт

Усвоен на

Ратификуван од РМ

Виенска Конвенција

1985

Сукцесија од поранешна СФРЈ

Монтреалски протокол

1987

Сукцесија од поранешна СФРЈ

Лондонски амандман

1990

4 јуни 1998

Копенхагенски амандман

1992

4 јуни 1998

Монтреалски амандман

1997

9 август 1999

Пекиншки амандман

1999

23 јануари 2002